ЗА НАС

1 Основни податоци за општината

Општината Чучер Сандево е една од поголемите приградски рурални општини која се наоѓа северно од градот Скопје, распослана на падините на Скопска Црна Гора.

Во крајниот југозападен дел води главниот пат од Скопје преку Качаник за Приштина, а со градот Скопје се поврзува преку повеќе локални патишта.

На падините на планината Скопска Црна Гора, на север од градот Скопје се наоѓа Општината Чучер Сандево која зафаќа површина од 253 км2 со 8.493 жители. Општината како посебна единица на локална самоуправа е формирана во 1996 година. Во нејзиниот состав влегуваат 12 населени места: Бањане, Блаце, Бразда, Брест, Бродец, Глуво, Горњане, Кучевиште, Мирковци, Побожје, Танушевци и ЧучерСандево. Покрај овие населени места, во Општината има и три поголеми викенд населби: Бродец, Сеноора и Голиово.

Општината е формирана како Единица на локалната самоуправа во 1996 година. Претходно територијата на оваа општина и припаѓаше на општина Чаир, односно самата општина Чучер Сандево произлегува од општина Чаир. Првата седница на Советот на општината е одржана на 17 Ноември 1996 година, со присуство на 13 советници, и тој ден прерасна во празник на општина Чучер Сандево. Душата на оваа рурална општина пулсира од Бутел на исток до Ѓорче Петров на запад и од Чаир до северната државна граница. Инспирирана односно секогаш расположена да ги слушне потребите на граѓаните, прераснува во добро организирана, современа и сервисно ориентирана општина.

 

2 Демографски податоци

Според статистичките податоци од Пописот во 2002 година, во општина Чучер Сандево живеат 8.493 жители кои се со мешан етнички состав. Густината на населението изнесува 33,57 жители/km2. Националната структура на населението во општината е дадена во следната табела:

#

Население

Број

Процент (%)

1.

Македонци

4.019

47,3

2.

Срби

2.426

28,6

3.

Албанци

1.946

22,9

4.

Роми

23

0,3

5.

Власи

16

0,2

6.

Бошњаци

1

0,0

7.

Останати

65

0,8

 

Вкупно

8.493

100%

2.5 Инфраструктура

Општина Чучер Сандево се наоѓа во непосредна близина на главниот град Скопје. Низ територијата на општината поминуваат следниве патишта кои се од голема важност за економскиот развој:

  •  Новоизградената обиколница околу Скопје, која има автопатско решение и
  •  Магистралниот пат Скопје – Приштина.

Од другите регионални и локални патишта поголема важност имаат следниве:

  •  Регионалниот пат Стенковец – Бразда – Чардак – Кучевиште – Побожје – Танушевци;
  •  Индустрискиот пат Бутел – Шуто Оризари – Горно Оризари – Чардак – Мирковци – Рудник Бањани, Бањани

со кој општината се поврзува преку Општина Бутел со градот Скопје

  •  Локалниот пат: Шуто Оризари – Горно Оризари – Бразда – Глуво – Сандево – Чучер – Горњани – Блаце;
  •  Локалниот пат: Бутел – Кучевачка Бара – Кучевиште и
  •  Локалниот пат: Радишани – Побожје.

Покрај овие, постојат асфалтирани патишта во скоро сите населени места, но локалната патна мрежа е во релативно добра состојба.

 

Постојат една поголема и неколку помали трафостаници, при што електричната мрежа е стара и не се оддржува доволно.

Нема општински линиски транспорт, додека со градот Скопје општината се поврзува со редовни автобуски линии на Јавното Сообраќајно Претпријатие (ЈСП) Скопје и неколку приватни превозници.

Делуваат и неколку такси превозници кои се регистрирани во такси компаниите во Скопје.

На територијата на општината се наоѓа спортскиот аеродром Стенковец.

Како општина во која се наоѓа државната граница, на нејзината територија постојат следниве Царински терминали:

  •  Царинска испостава Блаце и
  •  Царинска испостава Стенковец.

Нема изградени системи за наводнување на територијата на Општина Чучер Сандево.