вие ја прегледувате страната:

Статут

Организациона поставеност

 

Врз основа на член 36 став (1) точка 1 од Законот за локалната самоуправа “Службен весник на РМ” бр.5/02), Советот на Општина Чучер-Сандево, на 19-та седница одржана на 23.05.2019 година, донесе

С Т А Т У Т

НА ОПШТИНА ЧУЧЕР-САНДЕВО

 

ОПШТИ ОДРЕДБИ

 

Член 1

Општиана Чучер-Сандево, (во натамошниот текст: Општина) е единица на локалната самоуправа во која граѓаните го остваруваат правото на локална самоуправа.

Правото на локална самоуправа се остварува преку претставници во органите на Oпштината и со непосредно учество на граѓаните во одлучувањето на начин и постапка утврдена со закон и овој Статут.

Член 2

Општината е основана и нејзиното подрачје е утврдено со Законот за територијална организација на локалната самоуправа во Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.55/04, 15/05, 98/08 и 149/14). Подрачјето на Општина Чучер-Сандево ги опфаќа селата: Бањане, Блаце, Бразда, Брест, Бродец, Глуво, Горњане, Кучевиште, Мирковци, Побожје, Танушевци и Чучер-Сандево.

 

Член 3

Општината е правно лице.

Општината има свој имот со кој располага и стопанисува во јавен интерес.

Член 4

Седиште на Општината е во с.Кучевиште ул.4 бр.6.

Член 5

Општината има право на сопственост.

 

Член 6

Општината има свој грб во форма златно-жолт штит, што преставува симбол на вечноста и златножолта боја како симбол на радоста, среќата, интелектот и енергијата. На долниот дел на штитот преставено е жито како симбол на плодноста и развојот на Oпштината. Под штитот на искривена жолта лента со црни букви е напишано името на Oпштината.

Во внатрешноста на грбот централно место зазема планината, која ја преставува областа каде се наоѓа Oпштината – Скопска Црна Гора. Под планината е претставено поле во зелена боја што ја преставува руралната област и многубројните обработливи полиња на територијата на Oпштината, животот, младоста но и плодноста на полињата. На средината на штитот река го сече богатото поле. Реката преставува симбол на движењето и промените поврзани со развојот на Oпштината што се преставува во комбинација со зеленото поле.

Над планината претставено е сонце. Сонцето како симбол на животот и моќта и неговите краци што сјаат, симбол на соживот на сите етнички заедници што живеат на територијата на Oпштината.

Член 7

Општината има знаме во правоаголна форма на кое на сина основа се наоѓа грбот на Oпштината.

Сината основа како симбол на ширина и отвореност, ја преставува вистинската слика за Oпштината.

Во средината на знамето се наоѓа грбот на Oпштината.

 

Член 8

            Општината има печат со тркалезна форма со пречник од 40 мм, во чија средина се наоѓа грбот на Oпштината, а околу него се испишува текст во три концентирични круга и тоа: во првиот концентирчен круг на македонски јазик и неговото кирилско писмо е впишан текстот: “Република Северна Македонија*Општина Чучер-Сандево*”; во вториот концентричен круг на српски јазик и неговото писмо е впишан текстот: “Република Северна Македонија *Општина Чучер-Сандево*” и во третиот концентричен круг на албански јазик и неговото писмо е впишан текстот: “ Republika e Maqedonisë së Veriut *Komuna Çuçer-Sandevë*”.

Член 9

На седниците на Советот на Општината, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо во службена употреба се српскиот јазик и неговотo писмо како и албанскиот јазик и неговотo писмо.

 

Член 10

Општината има свој празник.

Празник на Oпштината  се утврдува со посебен акт на Советот на општината.

 

Член 11

Општината може да востановува награди и признанија.

 

Член 12

Општината може да се здружува во здруженија согласно закон.

Член 13

Општината остварува соработка со општините од Републиката, со Градот Скопје  како посебна единица на локална самоуправа, со единици на локлална самоуправа на други земји и може да членува во меѓународни организации за локална самоуправа.

Член 14

Органите на Општината, телата на советот и јавните сслужби основани од општината се должни да ги информираат граѓаните за својата работа како и за плановите и програмите од значење за развој на Општината.

  1. НАДЛЕЖНОСТ НА ОПШТИНАТА

 

Член 15

Општината самостојно во рамките на законот ги врши работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со Законот за локалната самоуправа или друг закон, како и работите кои не се исклучени од нејзината надлежност или не се во надлежност на државните органи.

Член 16

Општината е надлежна за вршење на следните работи:

1.Урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на
одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон,
уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште;

2.Заштитата на животната средина и природата – мерки за заштита и
спречување од загадување на водата, воздухот, земјиштето, заштита на
природата, заштита од бучавата и нејонизирачкото зрачење;

3.Локалниот економски развој – планирање на локалниот економски
развој, утврдување на развојните и структурните приоритети, водење на
локална економска политика, поддршка на развојот на малите и средните
претпријатија и на претприемништвото на локално ниво и во тој контекст, учество во воспоставувањето и развојот на локалната мрежа на институции и агенции и промовирање на партнерство;

4.Комуналните дејности – снабдување со вода за пиење, испорака на технолошка вода, одведување и пречистување на отпадните води, одведување и третман на атмосферски води, јавно осветлување, одржување на јавна чистота, собирање, транспортирање и постапување со комуналниот цврст и технолошки отпад, уредување и организирање на јавниот локален превоз на патници, снабдување со природен гас и топлинска енергија, одржување на гробовите, гробиштата, крематориуми и давањето погребални услуги, изградба, одржување реконструкција и заштита на локалните патишта и улици и други инфраструктурни објекти, регулирање на режимот на сообраќајот, изградба и одржување на уличната сообраќајна сигнализација, изведба и одржување на јавниот простор за паркирање, отстранување на непрописно паркираните возила, отстранување на хаварисани возила од јавните површини, изградба и одржување на пазари, чистење на оџаците, одржување и користење на парковите, зеленилото, парк шумите и рекреативните површини, регулација, одржување и користење на речните корита во урбанизираните делови, определувањето на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти;

5.Културата – институционалната и финасиската поддршка на културните установи и проекти, негувањето на фолклорот, обичаите, старите занаети и слични културни вредности, организирањето културни манифестации, поттикнувањето  на разновидни специфични форми на творештво;

6.Спортот и рекреацијата – развојот на масовниот спорт и рекреативните активности, организирањето на спортски приредби и манифестации, одржувањето и изградбата на објекти за спорт, поддршка на спортски сојузи;

7.Социјалната заштита и заштита на децата – детски градинки и домови за стари (сопственост, финасирање, инвестиции и одржување), остварување на социјална грижа за инвалидните лица, децата без родители и родителска грижа, децата со воспитно-социјални проблеми, децата со посебни потреби, децата од еднородителски семејства, децата на улица, лицата исложени на социјален ризик, лицата засегнати со злоупотреба на дрога и алхохол, подигање на свеста на населението, вдомување на лица со социјален ризик, остварување на право и воспитување на децата од предучилишна возраст. Вршењето на овие надлежности се во согласност со Националната програма за развој на социјалната заштита;

8.Образование – основање, финансирање и администрирање на основни и средни училишта, во соработка со централната власт, во согласност со закон, организирање на превоз и исхрана на ученици и нивно сместување во ученички домови;

9.Здравствената заштита – управување со мрежата на јавни здравствени организации и објекти од примарна здравствена заштита кои треба да вклучат застапеност на локалната самоуправа во сите одбори на сите здравствени организации во јавна сопственост, здравственото воспитување, унапредување на здравјето, превентивни активности, заштита на здравјето на работниците и заштита при работа, здравствен надзор над животната средина, надзор над заразните болести, помош на пациенти со специјални потреби (на пример, ментално здравје, злоупотреба на деца и тн.) и други области кои ќе бидат утврдени со закон;

10.Спроведување на подготовки и превземање мерки за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра од воени разурнувања, природни непогоди и други несреќи и од последиците предизвикани од нив;

11.Противпожарна заштита што ја вршат територијалните противпожарни единици;

12.Надзор над вршењето на работите од нејзина надлежност и

13.Други работи определени со закон.

Член 17

Работите од член 16 на овој Статут, се извршуваат согласно со стандардите и постапките утврдени со закон.

Работите од член 16 на овој Статут, кои задолжително ги врши Општината се определуваат со закон.

Член 18

Општината, во рамките на законот, во согласност со начелата на супсидијарност има право на своето подрачје да ги врши работите од јавен интерес од локално значење што не се исклучени од нејзина надлежност или не се во надлежност на органите на државната управа.

Определувањето на работите од став 1 на од овој член, дефинирањето на нивната содржина, начинот и постапката на нивното вршење се уредуваат со посебни одлуки на Советот.

  • ОРГАНИЗАЦИЈА И РАБОТА НА ОРГАНИТЕ НА ОПШТИНАТА

 

Член 19

Органи на Општината се Совет на општината и Градоначалник на општината (во понатамошниот текст Совет и Градоначалник).

1.Совет на општина

 

Член 20

Советот е преставнички орган на граѓаните.

Советот го сочинуваат 11 претставници на граѓаните избрани на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање.

Членовите на советот се избираат за време од четири години.

Членовите на советот ги претставуваат граѓаните и во Советот одлучуваат по свое уверување.

Членот на Советот не може да биде отповикан.

Член 21

Советот на општината избира претседател од редот на членовите на Советот со мандат од четири години.

Претседателот на Советот ги свикува седниците и раководи со нив, се грижи за организацијата и работата на советот и ги потпишува прописите што ги донесува Советот и во рок од три дена од денот на нивното донесување ги доставува до Градоначалникот заради нивно објавување.

Член 22

Членовите на Советот на конститутивната седница на Советот даваат и потпишуваат свечена изјава, која гласи:

“Јас (име и презиме) свечено изјавувам дека правата и должностите на член на Советот ќе ги вршам совесно и дека при нивното вршење ќе ги почитувам Уставот, законот, прописите на Советот и дека ќе го штитам уставниот поредок на Република Северна Македонија”.

Член 23

Советот ги врши следните работи:

1.Го донесува Статутот на општината и други прописи;

2.Донесува Деловник на советот;

3.Донесува Програма за работа;

4.Донесува Буџет на општината и Годишна сметка на општината;

5.Ја утврдува висината на сопствените извори на приходи за финансирање на општината во рамките утврдени со закон;

6.Основа јавни служби во рамките на надлежноста на Општината и врши надзор над нивната работа;

7.Донесува урбанистички планови;

  1. Донесува Програма за уредување на градежно земјиште;
  2. Донесува Програма за одржување на сообраќајна сигнализација;

10.Донесува Одлука за регулирање на режимот на соообраќајот;

11.Донесува прописи од областа на заштитата на животната средина и природата, локалниот економски развој, културата, спортот и рекреацијата, социјалната заштита и заштита на децата, образованието, здравствената заштита, противпожарната заштита, во рамките на надележноста определена со посебен закон или во согласност со Национална програма;

12.Донесува Програма за изградба и одржување на локалани патишта и улици;

13.Донесува Програма за јавно осветлување;

14.Донесува Програма за изградба, реконструкција и одржување на локлани водоводи;

15.Донесува Програма за одржување на јавна чистота;

16.Донесува Програма за одржување и користење на парковите и други јавни површини од локалано значење;

17.Донесува Програма за одржување на гробиштата;

  1. Донесува Програма за одржување и користење на реките во урбанизирани подрачја;

19.Донесува Одлука за јавна чистота;

20.Донесува Одлука за начинот на превоз во приградскиот сообраќај;

21.Донесува Одлука за одржување и користење на јавните пазаришта;

22.Донесува Одлука за начинот на користење и одржување на гробиштата;

23.Го уредува начинот на чистењето на оџаците;

24.Го уредува одржувањето на јавниот простор за паркирање и начинот на неговото користење;

25.Определува имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти од локално значење;

26.Ја утврдува организацијата, делокругот и начинот на извршување на задачите на општинската администрација, на предлог на Градоначалникот;

27.Основа јавни служби и врши надзор над нивната работа;

28.Именува членови во управните одбори на јавните служби кои ги основа;

29.Усвојува програми за работа и финансиски планови за финасирање на јавните служби кои ги основа;

30.Одлучува за давање дозвола за вршење дејност од јавен интерес од локалано значење, во согласност со закон;

31.Ги усвојува извештаите за работа и годишните сметки на јавните служби кои ги основа;

32.Одлучува за начинот на располагање со сопственоста на Општината;

33.Одлучува за начинот на вршење на финансиска контрола на Буџетот на општината во согласност со закон;

34.Го избира лицето кое работи со подрачната едниница на Министерството за внатрешни работи во Општината, во согласност со закон;

35.Го разгледува и усвојува годишниот извештај за јавна безбедност на подрачјето на Општината, кој го доставува до Министерот за внатрешни работи и Народниот правобранител;

36.Може да дава препораки на раководното лице на подрачната единица на Министерството за внатрешни работи од областа на безбедноста и безбедноста во сообраќајот;

37.Избира и разрешува претседател на Советот;

38.Формира постојани и повремени комисии;

39.Врши одделни овластувања во согласност со закон врз добрата од општа употреба и врз природните богатства на подрачјето на Општината;

40.Востановува општински признанија и награди;

41.Дава мислење по предлог законите кои се однесуваат на Општината;

42.Врши избори и именувања од својата надлежност и

43.Врши и други работи.

Член 24

Советот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинството од вкупниот број на членови на Советот.

Советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, а најмалку со една третина од вкупниот број членови на Советот, ако со Закон и овој Статут не е предвидено посебно мнозинство.

На седниците на Советот по правило се гласа јавно.

За секоја седница на Советот се води записник.

Член 25

Вонредна седница на Советот се свикува за прашања од значење за безбедноста на граѓаните, за прашања кои настанале поради вонредни околности (пожар, поплави, земјотрес и сл.) и при посета на делегации од друга земја кога истата сака да се обрати на членовите на Советот.

Член 26

Вонредна седница на Советот свикува претседателот на Советот по сопствена иницијатива или по барање на најмалку една третина од членовите на Советот.

Поканата на седницата на Советот со предложениот дневен ред се доставува до членовите на Советот на најбрз можен начин.

Пред отпочнување со работа членовите на Советот гласаат за оправданоста и за причините за свикување на седницата без материјална расправа.

Член 27

За разгледување на прашања и утврдување на предлози Советот формира комисии.

Комисиите на Советот се формираат како постојани и повремени.

Мандатот на постојните комисии трае колку и мандатот на членовите на Советот.

Член 28

Постојани комисии на Советот се:

-Комисија за Статут и прописи;

-Комисија за финасирање, буџет и локален економски развој;

-Комисија за урбанизам, комунални дејности, заштита на животната средина и природата;

-Комисија за општествени дејности;

-Комисија за односи меѓу заедниците;

-Комисија за признанија и награди;

-Комисија за мандатни прашања избори и именувања;

-Комисија за еднакви можности;

-Комисија за и утврдување на висина на штетата настаната од природни непогоди и друѓи несреќи и

-Други комисии утврдени со закон.

Член 29

Комисиите се составени од 3-5 членови на Советот.

Бројот на членовите на комисиите се утврдува со актот за нивното формирање.

 

Член 30

Комисиите на Советот на општината:

-расправаат за прашања од областите за кои се формирани

-даваат предлози и мислења до советот

-ги разгледуваат предлозите на Градоначалникот, на членовите на Советот и иницијативите на граѓаните од областите за кои се формирани.

Член 31

Комисијата за Статут и прописи го утврдува предлогот на Статутот на општината, ги разгледува иницијативите и предлозите за измена на Статутот, ги разгледува иницијативите и предлозите за измена на Статутот и ја следи неговата примена, ги разгледува начелните прашања од статутарен карактер; го утврдува предлогот на Деловникот на советот; подготвува предлог мислења по предлог законите кои се однесуваат на Општината; донесува програма за работа на Советот и разгледува и други општи акти од надлежност на Советот.

Член 32

Комисијата за финасирање буџет и локален економски развој ги разгледува прашањата во врска со финасирањето на Општината, Буџетот и Годишната сметка како и прашањата од планирањето и програмирањето на локалниот економски развој.

 

Член 33

Комисијата за урбанизам, комунални дејности, заштита на животната средина и природата ги разгледува прашањата од урбанистичкото планирање; областа на комуналните дејности и заштита на животната средина и природата.

 

 

Член 34

Комисијата за општествени дејности ги разгледува прашањата од надлежност на Општината, а кои се однесуваат на културата, спортот и рекреацијата, социјалната заштита и заштита на децата, образованието, здравствената заштита, јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот како и противпожарната заштита.

 

Член 35

Комисијата за односи меѓу заедниците ги разгледува прашањата кои се однесуваат на односите меѓу заедниците застапени во Општината и дава мислења и предлози за нивно регулирање кои Советот е должен да ги разгледа и да одлучи за нив.

 

Член 36

Комисијата за признанија и награди разгледува предлози за доделување на признанија и награди и му предлага на Советот нивно доделување на граѓани, организации и заедници кои дале придонес за развојот на Општината или како израз на признание за развивање на соработка и пријателски односи со домашни и странски субјекти.

 

Член 37

Комисијата за мандатни прашања избори и именувања разгледува и подготвува предлози кои се однесуваат на мандатно имунитетните прашања и разгледува и подготвува предлози за избор и именувања и разрешувања од надлежност на Советот.

 

Член 38

Комисија за еднакви можности разгледува прашања во врска со рамноправноста на половите и дава предлози за подобрување и унапредување на рамноправниот статус и за воспоставување на еднакви можности, односно еднаква застапеност на двата пола во сите сфери на општествениот живот.

 

Член 39

Комисија за и утврдување на висина на штетата настаната од природни непогоди и други несреќи ја организира и спроведува постапката за проценка и утврдување на висината на штетата настаната од природни непогоди и други несреќи и соработува со надлежните државни органи.

Член 40

Начинот на работа на комисиите поблиску се уредува со Деловникот на советот на Општината.

2.Посебни тела на Општината

 

Член 41

За разгледување на прашања и утврдување предлози кои што се однесуваат на квалитетот на услугите на јавните служби на Општината, Советот може да формира Совет за заштита на потрошувачите.

Член 42

Советот за заштита на потрошувачите е составен од пет члена од кои два члена се преставници на поголема група на корисници на јавните услуги и три члена се преставници на граѓаните.

Членовите на Советот за заштита на потрошувачите се избираат на предлог на Комисијата за мандатни прашања избори и именување.

Мандатот на членовите на Советот за заштита на потрошувачите трае две години со можност повторно да биде избран.

Член 43

Советот за заштита на потрошувачите ја следи состојбата на квалитетот на услугите што ги даваат јавните служби, дава мислења и предлози за подобрување на квалитетот на услугите, организира јавни трибини, соработува со јавните служби и општинската администрација и врши други работи поврзани со јавните услуги.

3.Градоначалник на Општината

 

Член 44

            Градоначалникот ги врши следните работи:

1.Ја преставува и застапува Општината;

2.Ја контролира законитоста на прописите на Советот;

3.Ги објавува прописите на Советот во службено гласило на Општината;

4.Го обезбедува извршувањето на одлуките на Советот;

5.Го обезбедува извршувањето на работите кои со закон и се делегирани на Општината;

6.Иницира и предлага донесување прописи од надлежност на Советот;

7.Го предлага Годишниот буџет и Годишната сметка на буџетот на Општината;

8.Го извршува Буџетот на Општината;

9.Избира директори на јавните служби кои ги основала Општината врз основа на јавен конкурс;

10.Редовно го известува Советот за извршувањето на своите надлежности во согласност со Статутот;

11.Решава во управни работи за права, обврски и интереси на правни и физички лица во согласност со закон;

12.Донесува Правилник за систематизација на работните места на општинската администрација;

13.Раководи со општинската администрација;

14.Одлучува за вработувањето, правата, должностите и одговорностите на вработените во општинската администрација, доколку поинаку не е определено со закон;

15.Обезбедува правилно и законско користење, одржување и заштита на сопственоста на Општината во согласност со законот и со Статутот и

  1. Врши и други работи утврдени со законот и Статутот.

Градоначалникот може да овласти раководен службеник на Општината да ја води постапката и решава во управни работи како и да потпишува акти.

Член 45

Градоначалникот присуствува и учествува во работата на седниците на Советот, а по потреба и на седниците на комисиите на Советот и посебните тела на Општината, без право на одлучување.

Градоначалникот може да определи и свои претставници кои ќе присуствуваат и учествуваат во работата на седниците на Советот, неговите комисии и посебните тела на Општината.

Член 46

Градоначалникот по сопствена иницијатива и по барање на Советот, го известува Советот за извршување одделни работи од негова надлежност, најмалку еднаш годишно.

На барање на 1/3 од членовите на Советот, Градоначалникот го известува Советот за прашања од негова надлежност во рок од 15 дена од поднесувањето на барањето.

Член 47

Градоначалникот, ако смета дека прописот на Советот не е во согласност со Уставот и законите е должен во рок од седум (7) дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето.

Примерок од образложеното решение се доставува до претседателот на Советот.

Советот е должен во рок од петнаесет (15) дена од денот на доставувањето на решението од ставот 1 на овој член да го разгледа решението и да одлучи по него.

Ако советот го потврди прописот, Градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Северна Македонија.

За иницијативата од ставот 4 на овој член Градоначалникот е должен да го информира министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа.

 

Член 48

Градоначалникот управува со сопственоста на Општината во јавен интерес и како добар домаќин.

Градоначалникот е должен, во управувањето со сопственоста на Општината, да презема мерки и да го обезбедува користењето, одржувањето и заштитата на сопственоста на Општината во согласност со закон.

Член 49

Градоначалникот со решение определува член на Советот кој ќе го заменува за време на спреченост или отсуство.

На членот на Советот му мирува функцијата член на советот за времето кога го заменува Градоначалникот.

Претседателот на Советот не може да го заменува Градоначалникот.

Решението од став 1 на овој член, Градоначалникот го донесува во рок од 30 дена од денот на преземањето на функцијата.

Решението од став 1 на овој член се објавува во „Службен гласник на Општина Чучер-Сандево”.

За настапувањето на спреченоста или отсуството, Градоначалникот го известува претседателот на Советот и членот на Советот кој ќе го заменува.

  1. IV. ОПШТИНСКА АДМИНИСТРАЦИЈА

Член 50

За извршување на работите од надлежност на органите на Општината се организира општинска администрација.

Општинската администрација се организира во сектори и одделенија.

Организацијата, делокругот и начинот на извршување на задачите на општинската администрација ги утврдува Советот, врз основа на предлог на Градоначалникот.

Член 51

Вработените во општинската администрација кои вршат стручни, нормативно-правни, извршни, управно надзорни работи и решаваат управни работи имаат статус на државен службеник.

За вработувањето, правата и должностите, системот на плати и надоместоци на плати, одговорноста, оценувањето и престанокот на работниот однос на вработените од ставот 1 на овој член ќе се применуваат одредбите од Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор.

За вработените во општинската администрција кои вршат административно-технички и помошни работи се применуваат одредбите од работното законодавство и Законот за вработените во јавниот сектор.

Член 52

При вработувањето, во општинската администрација и во јавните служби кои ги основала Општината ќе се води сметка за соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници застапени во Општината на сите нивоа, како и почитување на критериумите на стручноста и компетентноста.

Член 53

Општинската администрација:

1.Ги подготвува актите за Советот и Градоначалникот;

2.Ги подготвува седниците на Советот, како и седниците на неговите постојани и повремени комисии;

3.Врши стручни работи за Советот и Градоначалникот;

4.Го води сметководството на Општината;

5.Ја следи проблематиката во области од надлежност на Општината, врши анализи на состојбата и дава иницијативи и предлози за нивно решавање;

6.Доставува информации и податоци во врска со активностите на Општината на барање на надлежните органи или врз основа на закон;

7.Ракува со документите на Општината и ги чува се до нивното уништување, односно предавање на Државниот архив на Република Северна Мкедонија и

8.Врши и други работи што ќе и ги определи Советот и Градоначалникот.

  1. АКТИ НА ОРГАНИТЕ НА ОПШТИНАТА

Член 54

Во вршењето на работите на својата надлежност Советот донесува прописи и други акти.

 

Член 55

Прописи

Статутот е основен пропис на Општината со кој се уредуваат основните прашања во врска со надлежностите и организацијата на Општината и други прашања од значење за Општината.

Статутот на Општината се донесува во две фази и тоа како Нацрт-Статут и Предлог-Статут.

Статутот на Општината го донесува Советот со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот.

 

Член 56

            Советот донесува Деловник на советот, одлуки, планови и програми, решенија, заклучоци и други акти, дава мислење и утврдува насоки.

Член 57

            Со Деловникот на советот се уредува начинот на работа на Советот и неговите комисии, постапките за одлучување и односите со другите органи.

            Деловникот на советот се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот.

Член 58

            Со одлука на Советот се уредуваат работите од локалано значење од надлежност на Општината.

            Со одлука на Советот се основа општинска администрација, се уредува начинот на нејзиното работење и

Советот уредува и други прашања од своја надлежност.

Член 59

            Советот донесува заклучоци кога разгледува пооделни извештаи, информации и анализи.

            Советот дава мислења и утврдува насоки за извршување на прописите и другите акти што тој ги донесува.

Член 60

Постапката за донесување на прописи се уредува со Деловникот на советот на Општината.

Прописите се објавуваат во Службеното гласило на Општината.

Прописите стапуваат во сила осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Советот со денот на објавувањето.

Член 61

Други акти

            Советот и Градоначалникот во рамките на својата надлежност донесуваат поединечни акти.

            Советот донесува решенија за избор и именување.

            Градоначалникот донесува решенија.

Член 62

            Градоначалникот е должен во рок од седум (7) дена од денот на доставувањето на прописите да ги објави во Службеното гласило на Општината.

Член 63

            За објавените прописи се води посебен регистар

            Регистарот може да го користат граѓаните и истиот е достапен на јавноста.

  1. ОБЛИЦИ НА НЕПОСРЕДНО УЧЕСТВО НА ГРАЃАНИТЕ

ВО ОДЛУЧУВАЊЕТО НА ОПШТИНАТА

Член 64

Граѓаните непосредно учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење преку граѓанска иницијатива, собир на граѓани и референдум, на начин и постапка утврдени со закон.

Трошоците за спроведување на непосредното учество на граѓаните во одлучувањето паѓаат на товар на општинскиот буџет.

Член 65

Граѓанска иницијатива

 Граѓаните имаат право да му предложат на Советот да донесе одреден акт или да реши одредено прашање од негова надлежност.

 Граѓанска иницијатива не може да се поднесе за кадровски и финансиски прашања.

За предлогот од ставот 1 на овој член, Советот е должен да расправа ако го  поддржат најмалку 10% од избирачите на Општината, односно на месната самоуправа на која се однесува определеното прашање.

 Расправата од ставот 3 на овој член, Советот е должен да ја одржи најдоцна во рок од 90 дена по доставената иницијатива и да ги информира граѓаните за својата одлука.

Член 66

Собир на граѓани

Собир на граѓани може да се свика за подрачјето на целата Општина или за подрачјето на месната самоуправа.

Собирот на граѓани го свикува Градоначалникот на општината по сопствена иницијатива, на барање на Советот или на барање од најмалку 10% од избирачите на Општината, односно на месната самоуправа на која се однесува определеното прашање.

Органите на Општината се должни во рок од 90 дена да ги разгледаат заклучоците донесени на Собирот на граѓаните и да ги земат предвид при одлучувањето и донесувањето мерки по прашањата на кои се однесуваат, како и да ги информираат граѓаните за своите одлуки.

 Член 67

Референдум

 Граѓаните преку референдум можат да одлучуваат за прашањата од надлежност на Општината, како и за други прашања од локлано значење.

 Советот е должен да распише референдум на барање од најмалку 20% од избирачите на Општина.

 Советот може да распише референдум за прашања од негова надлежност по сопствена иницијатива.

Одлуката донесена на референдумот е задолжителна за Советот.

Член 68

Претставки и предлози

 За работата на органите на Општината и општинската администрација, граѓаните имаат право поединечно или заеднички со другите да доставуваат преставки и предлози.

Претставките и предлозите се поднесуваат во писмена форма или усно на записник, поединечно или групно до Градоначалникот.

За претставките  и предлозите не се плаќа такса.

 Член 69

Подносителот не смее да трпи штетни последици поради поднесување на претставка, нити поради тоа може да биде повикан на одговорност.

Член 70

Постапувањето по претставките и предлозите опфаќа прибирање на податоци, известувања и мислења за околностите што се од значење за правилно оценување на основаноста на претставката, како и преземање на потребни мерки за отстранување на повредата на правото на подносителот или повреда на јавните интереси.

Член 71

Градоначалникот на општината е должен најдоцна во рок од 60 (шеесет) дена од денот на приемот на претставката, односно предлогот, на подносителот да му достави образложен одговор.

Ако претставката или предлогот не се однесуваат на работата од надлежност на органите на Општината, Градоначалникот ги доставува до соодветниот надлежен орган и за тоа го известува подносителот.

Член 72

Јавни трибини, анкети и предлози

Органите на Општината, при донесувањето на прописи од својата надлежност претходно  можат да организираат јавна трибина, да спроведат анкети или да побараат предлози од граѓаните.

Јавна трибина се организира кога се донесуваат прописи за прашања од локалниот економски развој, комунални потреби (водоснабдување, одржување на јавна чистота, одржување на локални патишта и улици) и други прашања од пошироко локалано значење.

Анкета се спроведува за донесување на урбанистички планови и други прашања од локално значење.

Прибирање предлози од граѓаните за решавање на прашања од локално значење ќе се врши преку објавување на соопштение со кое ќе се повикаат граѓаните да даваат свои предлози.

Постапката, начинот и времето на преземање на една од наведените активности од ставот 1 на овој член ќе се уреди со одлука донесена од органот кој ја организирал.

VII.     СОПСТВЕНОСТ И ФИНАСИРАЊЕ НА ОПШТИНАТА

 

Член 73

Сопственост

            Сопственоста на Општината ја сочинуваат ствари, парични средства и права.

Вредноста на сопственоста на Општината се проценува и искажува при изготвувањето на Годишната сметка.

            Со сопственоста Општината располага и стопанисува како добар домаќин на начин утврден во закон.

Член 74

            За купување, отуѓување и оптоварување на сопственоста на Општината одлучува Советот.

            Отуѓувањето на сопственоста на Општината се врши по пат на јавно надавање, согласно со закон.

            Продажната цена на стварите не смее да биде помала од нивната пазарна вредност.

            Средствата добиени од продажбата на сопственоста може да се инвестира само за стекнување на нови или реконструкција на постојни ствари.

Член 75

            Стварите во сопственост на Општината може да се дадат на користење на други субјекти по пат на јавно надавање, во согласност со закон.

Член 76

            Јавните служби основани од Општината се нејзина сопственост.

Член 77

Финасирање

            Општината се финасира од сопствени извори на приходи и други извори на финасирање.

            Сопствени извори на приходи на Општината се локлани даноци, надоместоци и такси утврдени со закон.

            Општината ја утврдува висината на стапките на даноците и висината на надоместоците и таксите од ставот 2 на овој член.

            Општината се финасира со дотации од државата и други извори на приходи.

            Општината има право да се задолжува на домашниот и странскиот пазар на капитал.

            Општината во рамките на своите надлежности, самостојно располага со сопствените извори на приходи.

            Изворите на приходи на Општината треба да обезбедат соодветно извршување на нејзините надлежности.

Финасирањето на Општината се уредува со закон.

Член 78

Приходите и трошоците на Општината се утврдуваат со Буџетот на општината.

Буџетот на Општината содржи биланс на приходите и трошоците на Буџетот, а се однесува за фискалната година од дванесет месеци која почнува од први јануари, а завршува 31 декември од секоја календарска година.

    

Член 79

Предлогот на Буџетот на општината го утврдува Градоначалникот и го доставува до Советот за донесување не подоцна од средината на месец ноември секоја календарска година.

Советот на Општината го донесува Буџетот на општината во рок определен со закон.

Член 80

За секоја промена на Буџетот на општината, за дополнително усвоени трошоци следно со мерки што ќе зголемат предложените приходи или ќе ги намалат другите трошоци во сразмерен износ, одлучува Советот.

Член 81

За покривање на непредвидени барања и трошоци кои ќе се појават во текот на буџетската година, од вкупните тековни и капитални трошоци се издвојува Буџетска резерва во висина утврдена со закон.

За користење на средствата од Буџетската резерва одлучува Советот по предлог на Градоначалникот.

            Советот со одлука може да го овласти Градоначалникот за начинот на користење на Буџетските резерви.

Член 82

Доколу Буџетот на општината за наредната година не биде донесен до 31-ви декември во тековната година, се вовоедува времено финасирање за периодот утврден со закон.

Член 83

            На крајот на секоја фискална година се изготвува Годишна сметка на Буџетот на општината.

            Годишната сметка на Буџетото на општината, Советот ја разгледува најдоцна до 31-ви март во тековната година за претодната година.

Член 84

            Извршувањето на Буџетот на општината го врши Градоначалникот, за што Советот донесува Одлука за извршување на Буџетот на општината.

VIII. МЕСНА САМОУПРАВА ВО ОПШТИНАТА

Член 85

            Граѓаните на Општината одлучуваат за работи од непосредно и секојдневно значење за својот живот и работа и преку облици на месна самоуправа која може да се основа согласно одредбите на овој Статут.

Член 86

            Во Општината како облици на месна самоуправа може да се основаат месни заедници.

Член 87

            Подрачјето за кое се основаат месни заедници се границите на катастарските општини на населените места.

Член 88

            Иницијатива за основање на месна заедница можат да покренат најмалку 10% од грѓаните, жители на подрачјето за кое има интерес за основање на месна заедница.

Член 89

            Иницијативата за основање на месна заедница содржи: подносител, опис на подрачјето за кое се бара основање на месна заедница, образложение за потребите за основање на месна заедница и потпис на заинтересирани граѓани.

            Иницијативата за основање на месна заедница се доставува до Советот.

            Советот ја разгледува и оценува иницијативата за основање на месна заедница и утврдува дали се исполнети условите за нејзино основање.

Член 90

Одлуката за основање на месна заедница се донесува на Собир на граѓани од соодветното подрачје по пат на јавно гласање и со мнозинство гласови од присутните граѓани на собирот.

Член 91

Граѓаните преку месната заедница, во согласност со одредбите од овој Статут и одлуките за нејзино основање се грижат за:

-решавање на прашања од комуналната инфраструктура за соодветното подрачје;

-изградба и одржување на објекти од јавен интерес (водовод, улици, културни домови, спортски објекти и др.);

-заштита на животната средина и природата;

-уредување и одржување на гробиштата во населените места;

-покренување иницијативи за уредување на просторот;

-организирање културни, спортски, забавни и други манифестации и

-други работи од непосредно секојдневно значење за животот и работата на граѓаните.

Месната заедница покренува иницијативи и дава предллози до органите на Општината, за прашања од областа на образованието, здравството, социјалната заштита и други прашања од интерес на граѓаните.

Член 92

            Работите од член 91 на овој Статут се финасираат од:

            -средства кои Општината ги отстапува на Месните заедници согласно со плановите и прогамите за нивна работа;

            -средства што граѓаните непосредно ги здружуваат;

            -средства што ќе ги издвојат заинтересираните правни и физички лица;

            -средства од надомест на услуги;

            -подароци;

            -други средства.

Член 93

            Орган на месната зедница е Советот.

Советот го избираат граѓаните на месната заедница на собир на граѓани со јавно гласање.

Советот е составен од три до седум члена.

 Мандатот на членовите на Советот трае четири години.

Член 94

Одлука за распишување на избори на членови на Советот донесува Советот од стариот состав, најдоцна триесет дена пред истекот на мандатот.

Ако одлуката од став 1 на овој член не се донесе во утврдениот рок, Одлуката за распишување на избор на членови на Советот донесува Градоначалникот најдоцна петнаесет дена пред истекот на мандатот на членовите на Советот.

Член 95

Предлагање и утврдување на кандидати за членови на Советот се врши на собир на граѓани.

За утврдени се сметаат кандидати кои добиле мнозинство, односно најголем број гласови од присутните граѓани на собирот.

Член 96

Постапката за предлагање, утврдување и избор на членови на Советот поблиску се уредува со Првилата за работа на месната заедница.

Член 97

За избрани членови на Советот се сметаат кандидатите кои добиле мнозинство односно најголем број гласови од избирачите кои гласале.

Член 98

Советот од редот на своите членови избира претседател кој ја преставува и застапува месната заедница.

Советот донесува Правила за работа.

Со Правилата за работа се уреува работата на месната заедница и се уредува прашањето за донесување на програмата за работа, по претходно мислење на Советот на Општината.

Член 99

Градоначалникот со решение може да делегира вршење на определени работи од непосреден интерес и секојдневно значење за животот и работата на жителите, на претседателот на Советот.

Средствата потребни за вршење на работите од став 1 на овој член се утврдуваат со решение.

Со решението се определува органот и начинот на вршење на надзор над вршењето на работите од став 1 на овој член.

Член 100

Општинската администрација ги врши стручните, административно-техничките и сметководствено-финасиските работи на Советот.

Контрола на трошењето на средствата што ќе бидат пренесени за вршење на делегираните работи врши општинската администрација.

VIII.    НАЧИН И ПОСТАПКА ЗА УТВРДУВАЊЕ И УПОТРЕБА

НА ГРБОТ И ЗНАМЕТО НА ОПШТИНАТА

Член 101

            Грбот и знамето се утврдуваат со одлука на Советот.

            За утврдување на грбот и знамето на Општината, Советот распишува конкурс.

            Конкурсот го спроведува комисија што ја формира Советот.

Член 102

            Комисијата од пристигнатите трудови по објавениот конкурс утврдува предлог за грб, односно знаме на Општината и го доставува до Советот на усвојување.

Член 103

            Советот со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот одлучува по предлогот на Комисијата.

            Одлуката на Советот за утврдување на грб, односно знаме на Општината е составен дел на Статутот на општината.

Член 104

            Грбот на Општината се употребува во состав на печатот на Општината.

Грбот на Општината може да се употребува и на официјални покани, честитки и на слични акти што ги користат Советот и Градоначалникот.

Член 105

Советот може да одобри употреба на грбот на Општината на физички и правни лица, ако оцени дека е во интерес на Општината.

Член 106

Знамето на Општината се истакнува на зградата на Општината и на видни места во Општината.

Знамето на Општината може да се истакнува и при меѓународни средби, натпревари и други собири на кои учествува или е презентирана Општината.

Член 107

 Грбот и знамето на Општината не смеат да се употребуваат ако се оштетени или со својот изглед се неподобни за употреба.

IХ.       ЗАШТИТА НА ПРАВАТА НА ОПШТИНАТА

Член 108

            Советот и Градоначалникот можат пред Уставниот суд на Република Македонија да поднесат иницијатива за оцена на уставноста и законитоста на општите акти на министерствата и другите органи на државната управа со кои се нарушува уставниот положба и правата на општината утврдени со Уставот и законите.

Член 109

            На Општината и е гарантирана судска заштита пред надлежните судови во однос на актите и активностите на органите на државната управа и на владата на Република Северна Македонија со кои се попречува вршењето на надлежностите на Општината утврдени со закон.

Х.        СЛУЖБЕНИ ЈАЗИЦИ ВО ОПШТИНАТА

 

Член 110

Во Општината службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Во Општината покрај службениот македонски јазик и неговото кирилско писмо службени јазици се и српскиот јазик и неговото писмо и албанскиот јазик и неговото писмо, како јазици и писма што го користат граѓаните како припадници на заедницаите кои согласно последниот Пописот на населението во државата, со над 20% учествуваат во вкупниот број жители на Општина Чучер-Сандево.

ХI.       ПОСТАПКА ЗА ИЗМЕНИ И ДОПОЛНУВАЊА

НА СТАТУТОТ НА ОПШТИНАТА

Член 111

            Измени и дополнувања на Статутот на општината можат да предложат мнозинството членови на Советот, Градоначалникот или најмалку 10% од избирачите во Општината.

Член 112

Одлука за пристапување кон измени на Статутот донесува Советот на општината со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот.

Член 113

            Измени на Статутот на општината се донесени ако за нив гласале мнозинството членови на Советот на општината.

ХII.     ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 114

            Со денот на влегување во сила на овој Статут преставнува да важи Статутот на Општина Чучер-Сандево (“Службен гласник на Општина Чучер-Сандево” бр.02/03)

Член 115

            Овој Статут влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во (“Службен гласник на Општина Чучер-Сандево”)

Бр.01-677/3                                                     СОВЕТ НА ОПШТИНА ЧИЧЕР-САНДЕВО

23.05.2019 година                                                                      ПРЕТСЕДАТЕЛ

Чучер-Сандево                                                                          Ацо Ушковски с.р.

 

                                                                                                 

Почитувани сограѓани, ве замолуваме вашите проблеми / прашања до општината доставете ги преку следнава контакт форма.
Skip to content