На 14-15.09.2023 година, Сабота и Недела, се одржа „САНДЕВО ФЕСТ 2024„.
Првиот ден, 14.09.2024 година можевме да ги видиме нашите играорци од КУД „Александар Ураревски„ и ФС „Плетеница“, млади кои со гордост ја одржуваат традицијата и фолклорот. По нивниот прекрасен настап, имавме можност да уживаме со звукот на народни инструменти со младите Бојан, Марко и Стефан како и со хармониките на нашите хармоникаши-Марјанчо, Новица, Влатко, Никола и Немања.
Задолжен да ја насмее публиката беше Бојан Велевски со неговата стенд-ап комедија. Во продолжение, посетителите уживаа во забавата со Хепи Енд Бенд која траеше до 00 часот.
На 15-ти, Недела, забавата започна во 20 часот со настап на прекрасната и талентирана Благица Ѕунзуровска, продолжи со енергичната Цаци и до доцните вечерни часови продолживме да уживаме со гостинот од соседна Србија, Урош Живковиќ.
Воедно, за уживањето да биде комплетно двата дена на одржување на „Сандево фест 2024“, беа поставени 4 штанда со храна и пијалоци.
Градоначалникот на општина Чучер Сандево, Сашко Коменовиќ, во неговото обраќање, меѓудругото, искажа благодарност за Советот на Општината којшто го поддржа одржувањето на настанот и истакна дека како Општина ќе се залагаме „Сандево фест„ да се одржува секоја година, и секоја година да биде се побогат.
Многу народ на едно место, настан каде имаше само позитивни вибрации, добра музика, смеа и вкусна скара.
По досега одржаните настани од областа на културата, забавата и спортот, кои беа посетени со публика од сите генерации, пренесена беше порака дека во Општината потребни се вакви настани. Општина Чучер Сандево, согласно потребите на граѓаните, ќе работи за уште поголемо подигнување на квалитетот на забавата, културата и спортот.
Голема благодарност за несебичната помош во организацијата и реализацијата на настанот до вработените во Јавно Комунално претпријатие „Скопска Црна Гора„ , вработените во ОЈУ Партизански Дом „Сандево“ и полициските службеници од ПС Мирковци.
Повеќе фотографии може да погледнете на фејсбук страната на ОЈУ Партизански дом „Сандево“.